Кои сме ние?

Пред 4 години група млади амбициозни дечки од Битола ја формираа првата група на корисници во градот, што отпосле испадна дека ќе е најголема во државата. Оттогаш групата помина низ многу фази, бурен период, период на стагнација, активности, проекти, настани, случки. Никогаш никој од посериозните членови на Лугола не помислил Лугола да се распушти. Впрочем и тогаш кога би одлучиле така, нема што да распуштаме, Лугола е псеудо неформално здружение на граѓани. Во тоа е и возбудата и уживањето да се биде дел од Лугола и да се работи во корист на слободниот софтвер. Дали ова е нешто со кое треба да се гордееме? Се разбира дека е, имајќи во предвид дека голем дел од граѓаните во Битола, па и Македонија слушнаа за слободниот софтвер благодарение на редица прекрасни хакери кои поминале или сѐ уште се дел од групата. Се створија многу познанства, другарства. Сме биле на разни места и на разни случувања во земјава. Сега е време за мала промена во начинот на функционирање на групата.

Група на корисници на GNU/Linux, стандардно би требало да функционира со активно членство, состаноци и собири. Тоа не го исклучуваме од начинот на работа, но имајќи го во предвид претходното искуство со последно организираните состаноци, мора да заклучиме дека таквиот начин на организирање е апсолутно непродуктивен. Затоа, Лугола можеби повеќе не може да се карактеризира како Група на корисници на GNU/Linux, едноставно како здружение кое го помага промовирањето на слободен софтвер во Македонија, помага на новите корисници (впрочем на секој кој ќе се обрати кон нас) при проблемите кои настанале и го придвижува користењето на слободен софтвер, слободни технологии и концептот за слободна култура во Македонија.

Сегашна состојба на Лугола

Многу од членовите на групата повеќе не се појавија на нашите редовни собири и активности. Исто толку добар дел замина од градот, на студии, на работа итн. Останавме малкумина. Но имајќи ги во предвид можностите на мрежата, би било штета да дозволиме Лугола да замре само поради тоа што не можеме да оствариме физички контакт. Организирањето ќе се одвива онлајн, со повремени состаноци тогаш кога условите ќе ни дозволат.

Сегашната стостојба на групата може да ја набљудувате како на политичко движење кое работи во корист на општеството на правилен начин, како философско движење кое ја промовира (и се темели на) идеологијата за слободен софтвер, како група на корисници на слободен софтвер и уште неколку други релации. Генерално, гледајте на нас како на опслужувачи на корисниците и мисионери на слободата.

Општи информации за Лугола

Фрмирана од Александар Балаловски, на 15и март 2004г. со цел поддршка на корисниците кои работат со GNU/Linux оперативен систем како и слободен софтвер во целина. Целата идеја е да се групираат познавањата и искуствата на понапредните корисници на GNU/Linux со цел помагање на тие кои сега се вклучуваат во работа со овој оперативен систем.

Првиот состанок на групата е одржан на 15.03.2004 (понеделник), каде беа продискутирани поглавните и значајни одредби и цели кон кои Лугола треба да биде насочена со своето дејствување. Лугола постои да им помогне на корисниците кои ја гледаат иднината во слободниот софтвер и нивниот понатамошен развој на IT познавањата.

Покрај нашето постоење и делување на територијата на Република Македонија постои и НВО „Слободен софтвер Македонија“. Дел од активните членови на Лугола се членови и на оваа невладина организација.

Не е време да се плашите од поимот „слободен софтвер“ и „GNU/Linux“. Тоа не е нешто што е исклучиво за професионалци. Особено во последно време постојат дистрибуции кои се крајно пријателски расположени кон корисниците. Слободниот софтвер може да биде во Вашиот дом, канцеларија, на вашиот домашен компјутер, лаптоп, и се што би требало да ги задоволи вашите секојдневни потреби. Вие обидете се, ние ќе ви помогнеме.

Проекти на кои сме работеле

Групата досега има работено на повеќе проекти. Тука ќе ги изложиме сите моментално активни или веќе реализирани проекти. Голема благодарност до сите кои ни помогнаа да ги оствариме истите.

  1. Изработка на Веб страна на групата со што официјално Лугола започна да функционира и на мрежата;
  2. Промоција и пропагирање на групата преку делење летоци и ЦДња;
  3. Собирање електронска документација за почетни корисници од слободни материјали симнати преку Интернет; Најголем дел од документацијата сега се наоѓа на Викито за Слободен софтвер;
  4. Ден на слободен софтвер во Битола (!) - прослава на официјалниот ден на слободен софтвер во Битола. Прв помасовен настан организиран од Лугола во соработка со првите соработници Интегра инжинеринг;
  5. Лугола се заблагодарува - Признанија за поддршка на слободен софтвер на фирми од градот кои преку користење и промвирање на слободниот софтвер придонеле за ширење на информатичката култура од оваа област;
  6. Лугола наградува - Подарок Маичка од групата за корисници на GNU/Linux; членовите и корисниците на слободен софтвер испраќаа слики од екранот од своите дистрибуции по што првите 20 корисници што испратиле слика добија маичка од Лугола;
  7. Проект „Браво Лугола!“ - масовни презентации низ образовни институции во Битола, во првиот замав се опфатени 4 основни и 2 средни училишта. Слободниот софтвер во образованието е една од целите кон кои чекори Лугола;
  8. Проект „Install Day“ - инсталација и конфигурирање на GNU/Linux секоја сабота во месец декември (практично 4 саботи) во просториите на нашиот соработник Биротех компјутери; инсталирани беа околу 8 системи;
  9. Кампања „Не го убивај мојот пријател“ - враќање на GNU/Linux инсталациите во средните училиште каде истите биле избришани; соопштението и предлог решението не беше соодветно одговорено од професорите и учениците; (врска)
  10. Активност за делење на GNU/Linux (популарно наречена „Поплава“) во Битола - поделени ~300 ЦДња и приближно толку летоци;
  11. Проект „Маратон за локализација на KDE“ - успешно реализиран, преведени над 20.000 линии од преостанатиот превод на KDE; (врска)
  12. Проект „Септември 2006 - месец на GNU/Linux во Битола“ - во текот на месец септември 2006та година беа организирани редица настани кои го одбележаа цел месец како месец на GNU/Linux; (врска)
  13. Проект за превод на јадрото на XFCE работната околина - предложен од членството, реализиран во период од 6 часа во просториите на Лугола; (врска)
  14. Прослава на „Денот на слободен софтвер на Битола“ и меѓународниот ден на слободен софтвер (врска).
  15. OLPC настан во Битола (врска).

Соработници

Лугола во своето кратко постоење стекна редовни соработници на кои им искажува голема благодарност. Значењето од тоа што овие фирми, акционерски друштва и медиумски организации стојат зад нас речиси секогаш кога е потребно е огромно. Благодарноста што овде ја искажуваме не може да се спореди со тоа што соработниците на Лугола го имаат направено за нас. Покрај организациите, фирмите, училиштата итн. кои ни помогнале досега, има редица индивидуалци кои ја поттикнале нашата работа. Се надеваме дека листата на соработници во понатамошното наше постоење се повеќе ќе расте:

  • НВО „Слободен софтвер Македонија“
  • ДОО Металком - Битола
  • Аптека Софора - Битола
  • Интегра инжинеринг - Битола
  • СОТУ „Ѓорги Наумов“ - Битола
  • ТВ Тера - Битола
  • Биротех - Битола

Лого

Лого на Лугола Логото на групата е нацртано од Гоце Митевски, фриленс дизајнер кој секогаш наоѓа време за заедницата на слободен софтвер. Голема благодарност до него. Право за користење: Creative Commons Наведи извор-Сподели под исти услови.

Старото лого на Лугола беше нацртано од Јован Наумовски